skip to Main Content

Дескоска им порача на новите судии и обвинители да бидат независни и потчинети само на законите

    4
Дескоска им порача на новите судии и обвинители да бидат независни и потчинети само на законите

Во Врховниот суд на Република Северна Македонија се одржа Свечената церемонија по повод доделувањето на уверенијата на VI генерација завршени кандидати за судии и јавни обвинители во Академијата за судии  и јавни обвинители Павел Шатев.

-Нека оваа мисла ве води во вашата работа. Бидете независни и потчинети само на законите! Не слушајте ничии инструкции и не дозволувајте ничие незаконито влијание, ниту од законодавната власт, ниту од извршната власт, ниту од било која политичка партија, ниту од медиумите, ниту од судскиот или јавнообвинителскиот менаџмент. Праксата за “телефонско правораздавање”, местење судски пресуди или обвиненија за кои можевме да слушаме во нелегално прислушуваните материјали, мора да остане зад нас – им порача на кандидатите министерката за правда Рената Дескоска.

На кандидатите таа им порача и да не дозволат никој да им врши влијание и да не потпаѓаат под притисок да го менуваат значењето на правилата, онака како што тоа им одговара на лицата кои се засегнати од правилата и при утврдувањето на фактите да не бидат под влијание за размислата за целисходност.

Дескоска им посочи на кандидатите за судии и јавни обвинители да ги почитуваат процесните и материјалните права на учесниците во постапката, и да запамтат дека притворот не треба да биде казна, туку само мерка за обезбедување на присуство која се бара и изрекува само кога е нужно и кога постои основано уверување дека другите мерки нема да бидат доволни.

-Кога ќе бидете избрани на своите функции, државата ќе ви даде моќ, моќ со која треба да ја користите умно и во рамки на законот. Не дозволувајте таа моќ да ве заслепи. Не дозволувајте таа моќ да ве стави во искушение, бидејќи од вас граѓаните кои инвестирале во Вашето образование очекуваат да бидете на браникот на борбата против корупцијата, а не да паднете под искушението на коруптивно однесување – истакна Дескоска.

4

ТАГОВИ: Дескоска обвинители судии

Back To Top