skip to Main Content

Дескоска: Настапија околностите од членот 125 од Уставот за прогласување на вонредна состојба

    5
Дескоска: Настапија околностите од членот 125 од Уставот за прогласување на вонредна состојба

Министерката за правда Рената Дескоска на денешната прес-конференција во Влата објасни дека воведената вонредна состојба не значи ново ограничување по автоматизам, туку можност и олеснување на работата на Владата, доколку е потребно да донесе уредби со законска сила со цел да го заштити здравјето на граѓаните и да се справи со економските последици, кои за жал ги чувствуваат граѓаните во Европа и светот.

-Ниту вчера, ниту денеска, никој повеќе нема дилеми дека настапија околностите од членот 125 од Уставот за прогласување на вонредна состојба. Одлуката со која се утврди вонредната состојба има важност најмногу 30 дена, што значи дека доколку ситуацијата се смири, таа може да биде прекината, но исто така, ако продолжи пандемијата – вонредната состојба може да се продолжи- рече министерката Дескоска.

Таа истакна дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на вонредна состојба, доколку има потреба.

-Наша заедничка заложба е ограничувањето на правата да биде минимално и само кога е тоа нужно. Колку повеќе се придржуваме до мерките и препораките кои се досега дадени, толку побрзо ќе ја пребродиме оваа криза и нема да бидат потребни нови мерки за ограничување на правата на граѓаните- рече министерката Дескоска.

Таа упати апел, сите, доброволно и совесно да ги почитуваат мерките и препораките на Министерството за здравство и Владата.

-Со воведување на вонредна состојба, Владата, согласно членот 126 од Уставот, добива право да носи уредби со законска сила. Тоа се акти со кои ќе регулира прашања кои во нормална ситуација се во надлежност на Собранието. Уредбите со законска сила имаат еднаква правна сила со законите и со нив ќе можеме да измениме одредени законски одредби или да донесеме одредени мерки кои се итно потребни, а кои без прогласена вонредна состојба, би требало вообичаено да поминат законска постапка во Собранието- информираше министерката Дескоска на денешната прес-конференција.

5

ТАГОВИ: вонредна состојба Дескоска

Back To Top