skip to Main Content

Дали ресторативниот приод се применува во судската пракса во кривичните постапки спрема децата

    64
55564287_2546296722064470_7306967348890566656_n

Законот за правда за децата, го застапува ресторативниот приод, истиот предвдува мерки на помош и заштита со помош за обештетување на оштетениот, го прифатил диверзиониот модел на постапување за полесни кривични дела со што се одбегнува класичната казнена постапка спрема детето.

Предвидена е постапка за посредување и порамнување која е во надлежност на јавниот обвинител и може да се третира како диверзионо постапување со ресторативни аспекти.

Во законот е предвидено и начелото на целесообразност, согласно кое надлежниот јавен обвинител може да одлучи да не поведе постапка или да бара запирање на веќе поведената постапка спрема детето кога ќе оцени дека тоа е неопходно поради природата на кривичното дело, поранешниот живот на малолетникот и неговата личност.

Во законот е пропишана и можноста јавниот обвинител да предложи санкција без подготвителна постапка, доколку се работи за крвично дело за која е пропишана казна затвор до три години, случајот да е доволно разјаснет, односно да има доволно докази и собраните податоци за личноста на малолетникот да даваат доволна основа за донесување одлука. Како резултат на препораката на Советот на Европа No.R (87) за поедноставување на казнената правда воведени се институтите за признавање на одговорноста и спогодување на висина на казната со цел забрзување на постапката.

Јавниот обвинител може да поднесе ваков предлог кога се исполнети условите за казнување на дете во ризик над 14 години, кога располага со докази кои недвосмислено укажуваат дека детето е сторител на кривично дело, дека е одговорен за стореното дело и дека се исполнети условите за изрекување на казна.

Вака конципираниот текст на законот упатува дека истиот е донесен во согласност со современите текови за постапување со деца кои сториле дејствија што содржат елементи на кривично дело и истиот е заснован врз начела на превоспитување, социјална интеграција, образование и специјална превенција од идно девијантно односно криминално однесување.

Без оглед на начинот што ќе биде одбран како постапка и крајната мерка, мора да се почитуваат основните права и најдобриот интерес на детето при што мора да биде одбегната стигматизацијата и дискриминацијата, постапката да биде сведена на минимум потребното време, пропорционална на индивидуалните карактеристики на детето исклучиво со легитимна цел.

Ресторативната правда има за цел надминување на ретрибутивниот приод во казнувањето, истата промовира диверзионен модел за одбегнување на казнената постапка, која во центарот на вниманието ја има жртвата. Карактеристично за ресторативното постапување е што сите напори се насочени кон разрешување на последиците и изнаоѓање на решение за стореното. Овој приод може да се примени само кога фактите сврзани за настанот се неспорни како за сторителот, така и за жртвата.

Програмите кои можат да се подведат под поимот ресторативна правда, генерално може да се поделат во две групи: оние кои се состојат во ресторативен процес и оние кои овозможуваат ресторативни цели. Под ресторативен процес се подразбира вклучување на сите заинтереирани страни – жртви, сторител/и и членови на локалната заедница во решавање на спорот по повод сторено кривично дело и пронаоѓање адекватно решение. Под ресторативна цел, пак, се подразбира постигнување договор како резултат од ресторативниот процес, вклучувајќи надомест на штета, општокорисна работа и други програми кои се осмислени за да овозможат репарација на жртвите и заедницата како и реинтеграција на жртвата и сторителот.

Ресторативната правда се заснова врз четири основни принципи кои се стожери и при нејзиното поимно определување. Прв принцип е принципот на персоналитет односно сфаќање на кривичното дело првично како повреда на човекот и на меѓучовечките односи. Вториот принцип е принцип на поправање на штетата која настанала како резултат од кривичното дело. Третиот принцип се однесува на учеството на постапувањето или т.н. принцип на партиципативност и, на крај, како четврт принцип се јавува принципот на реинтеграција којшто подразбира останување на сторителот во заедницата, а не негова изолација и стигматизација при едновремено реинтегрирање на жртвата, а не нејзина маргинализација.

Законот за правда за децата ги следи современите меѓународни текови и како резултат на тоа се заснова на ресторативниот приод и содржи цела лепеза на одредби кои може да се применат спрема детето во ризик или детето во судир со законот, како што се обештетување на оштетениот пред центарот за социјални работи, постапка за посредување и порамнување, начелото на целесообразност согласно кое јавниот обвиител може да одлучи да не поведе постапка, упатување на медијација, каде главна улога имаат јавниот обвинител, детето, родителот, бранителот и жртвата или оштетениот.

Постапката пред судот започнува со поднесување барање за поведување на подговтвителна постапка од страна на надлежниот јавен обвинител, но пред да одлучи дали ќе поднесе барање, законот предвидел јавниот обвинител прво да го повика и да го сослуша детето во присуство на бранител, неговиот родител или старател. Оваа одредба иако по својата содржина е императивна, во праксата речиси и да нема примена. Јавните обвинители кои постапуваат со децата ја имаат истата пракса како и со полнолетните сторители, односно оваа одредба ја применуваат само во случај на кривичните дела од сообраќајот, каде е потребна согласност од оштетениот, доколку му биде надоместетна штетата, обвинетиот, во овој случај детето не се гони кривично.

Одбегнувањето на примената на оваа одредба значи целосно отстапување од ресторативниот приод според кој поведувањето на судска постапка спрема детето е последната можност која ја предвидува законот.

Како објаснување зошто не ја применуваат оваа мерка, обвинителите наведуваат дека во буџетот на јавните обвинителства нема средства да се платат бранителите по службена должност, поради што бранители во постапките спрема децата не се повикуваат во обвинителствата.

Како резултат на наведеното, јавните обвинители кои работат на случаите со деца кои презеле дејствија што со закон се предвидени како кривично дело, по добивањето на кривичната пријава од полиција со приложените докази кон истата, веднаш формираат предмет и барањето за поведување за подготвителна постапка го доставуваат до судијата за деца, со предлог за повикување и сослушување на оштетените и сведоците.

Од друга страна, судијата за деца по добивање на барањето има законска можност да не се согласи со истото и да се обрати до кривичниот совет за деца и да одлучи дали ќе се спроведе постапката. Судиите за деца, водејќи се од начелото на судење во разумен рок, односно дека постапката за деца треба да заврши за најкратко можно време, како и дека законот предвидел дека постапките можат да траат до една година, а само за потешки кривични дела една година и шест месеци, од денот на приемот на барањето во судот, истите, не ја применуваат оваа одредба за изјавување несогласност и одлучуваат веднаш да започнат со подготвителните дејствија, односно ја спроведуваат постапката спрема детето.

Ваквиот начин на постапување, како на јавното обвинителство, така и на судот, е спротивен на основниот принцип на постапување во најдобриот интерес на детето, односно судиите за деца, ставени во оваа ситуација одбираат да го почитуваат пред се начелото на итност на постапката, иако изразувањето несогласност може да резултира со неповедување постапка спрема детето.

Оттука е заклучокот на авторот на овој труд дека во судската пракса речиси воопшто не се применува ресторативниот приод, кој е од многу големо значење за децата инволвирани во постаките, преку кој законот ја остварува својата основна цел, специјална превенција и нагласена индивидуализација, воспитување, превоспитување и подобра социјализација, а не санкционирање заради прекршување на определена законска норма.

За оваа цел потребна е едукација, која нема да биде ефикасна и ефективна доколку се однесува само на судиите и јавните обвинители. Обуката за постапување со деца во ризик и деца во судир со законот треба да биде сеопфатна, односно да ги опфаќа сите учесници во постапката и тоа полицијата, адвокатите, обвинителите и судиите. Во оваа насока едукацијата треба да биде заедничка, да биде конципирана на начин што ќе бидат вклучени сите учесници, нема ефект доколку обуките се одвиваат одделно. Исто така обуките треба да бидат спроведувани со повеќе примери од праксата, ќе биде критикувано погрешното постапување, односно погрешната примена на законот, а ќе се даваат насоки за правилна примена на законските одредби.


Кратка биографија за авторот

М-р Оља Ристова е судија во Основен суд Скопје I Скопје од 2009 година;

-Предавач во Академија за судии и јавни обвинители во почетна и континуирана обука (области: притвор, главна расправа, правда за децата, правата на жената, насилство врз жените и девојчињата);

-Активно учествувала во работната група за донесување на Законот за полиција, за Правилникот на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, Правилникот за однесување на вработените во полицијата и други законски и подзаконски акти имајќи го во предвид почитувањето на човековите права (2004-2005);

-Учество зела и во работна група формирана од Здружение на судии на РМ и ОБСЕ за изработка на Документ за јавни политики (предлог измени на Законот за судови и Закон за судски совет) 2018;

– Делегат на Основниот суд Скопје 1 Скопје во Здружение на судии на РМ 2012-2016;

– Предавач за правата на жената, насилство врз жените и девојчињата при УНДП- Канцеларија Скопје;

– Работела како адвокат застапувајќи клиенти особено во областа на стопанско право, кривично право, граѓанско право, пред основните, апелационите и Врховниот суд на РМ (1995-2004).

Публикации

ОБСЕ Годишен извештај за 2001 година – преку Хелсиншки комитет за човекови права на РМ – Права на детето и состојбата во затворите во РМ;

Прирачник за постапување на судовите во постапките за заштита од семејно насилство – УСАИД и ЕСЕ – НГО за Еманципација солидарност и еднаквост на жените;

– „Правоматика“ објавен стручен труд во изданието јули – септември 2017 година;

– Кодекс на судска етика – член на работната група формирана од Здружението на судии на РМ 2013.

64

ТАГОВИ: Оља Ристова Судија во Основен суд Скопје I Скопје

Back To Top