skip to Main Content

Газда уценувал мајки на деца до тригодишна возраст да работат ноќна смена, во спротивност не им ги продолжувал договорите

    4
Газда уценувал мајки на деца до тригодишна возраст да работат ноќна смена, во спротивност не им ги продолжувал договорите

Неколку работнички од Велес, кои имаат деца до едногодишна возраст, се обратиле до Хелсиншкиот комитет бидејќи вршат прекувремена работа и работат ноќе, а дел од нив, кои имаат деца до тригодишна возраст, вршат работа ноќе со писмена согласност дадена под принуда.

Работничките, кои се мајки на деца со возраст до три години, се во работен однос кај работодавачот со склучени договори за вработување на определено време. Тие од страна на работодавачот биле уценувани дека доколку не потпишат писмена согласност со која се согласуваат да работат прекувремена и ноќна работа, нивните договори нема да бидат продолжени.

Под страв дека дека ќе останат без средства за егзистенција во период на пандемија, работничките ги потпишале согласностите. Работодавачот знаел дека тие стравуваат да не го изгубат своето работно место и знаел дека со нивните потписи тешко би се докажало пред трудовиот инспекторат и обвинителството дека тие не се согласни да работат ноќна и прекувремена работа поради што ја злоупотребил нивната положба во своја корист, а на нивна огромна штета.

Тој не само што ги принудил да работат ваков начин на работа, тој не им ја исплатил ниту прекувремената работа за што се утврдени неправилности од страна на Државниот инспекторат за труд, по пријава од Хелсиншкиот комитет.

Законот за работните односи предвидува посебна заштита за време на бременост и родителство во врска со ноќната и прекувремената работа. Имено, за време на бременост или со дете до една година возраст, работничката не смее да врши прекувремена работа или да работи ноќе (член 164, став 1).

На работничката која има дете од една до три години возраст, може да ѝ се наложи да врши прекувремена работа или работа ноќе, само по нејзина претходна писмена согласност (164, став 2). Писмената согласност од страна на работничките мора да биде дадена слободно и своеволно без принуда и закана.

-Ваквиот начин на постапување на работодавачот, кој буквално ги принудил работничките да работат ноќна и прекувремена работа, претставува кривично дело против работните односи и се повредуваат одредбите за ноќна и прекувремена работа,  за што е предвидена парична казна или казна затвор до една година- велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

 

4

ТАГОВИ: мајки ноќни смени

Back To Top