skip to Main Content

ГШ на АРМ: Груби дезинформации се дека АРМ била инволивирана во „27 април’

    4
ГШ на АРМ: Груби дезинформации се дека АРМ била инволивирана во „27 април’

Генералштабот на Армијата на Република Македонија ги дематира информациите за каква било инволвираност на АРМ за случувањата во Собранието на 27 април минатата година оценувајќи ги како груби дезинформации. Потенцира дека стои на располагање во целост да ги презентира сите податоци и да соработува со сите надлежни институции со што конечно ќе се стави крај на натамошни шпекулативни толкувања со кои се нарушува угледот на Армијата.

-Во врска со зачестените објави во одредени електронски медиуми, како и разни произволни толкувања од страна на лица кои гостуваат во дебатни емисии на националните телевизии, во кои се наведуваат инсинуации со кои упорно сака да се прикаже инволвираност во организирана форма, на Армијата на Република Македонија во случувањата на 27 април 2017 година, најенергично ги демантираме ваквите тврдења со напомена дека се работи за груби дезинформации кои се пласираат во јавноста. Ве информираме, дека како и секогаш досега, генералштабот на АРМ во потполност транспарентно ги пренесува сите свои активности и ангажмани и е на располагање во целост да ги презентира сите податоци и да соработува со сите надлежни институции за било какви информации за наводните тврдења со што конечно ќе се стави крај на понатамошни шпекулативни толкувања, се вели во соопштението од Генералштабот на АРМ.

Во досегашното постоење на АРМ, потенцираат од ГШ, во потполност се применуваат воспоставените принципи и постапки во хиерархијата и субординација во командувањето, при што се постапува согласно дадените законски надлежности и строго утврдени правила кои ја уредуваат оваа област.

-Преку пласирање вакви неточни информации се влијае на нарушувањето на угледот на АРМ и на чувствата на припадниците на АРМ, кои со својот ангажман постојано ги потврдуваат своите определби и грижа за територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, а со тоа да се влијае и на севкупната подготвеност на Армијата на Република Македонија, велат од ГШ на АРМ.

Потенцираат и дека сите медиуми пред објавување или превземање на вакви вести во кои се споменува АРМ, веродостојни информации може да добијат од канцеларијата за односи со јавноста во ГШ на АРМ, која, како што велат, најтранспарентно ќе им ги достави сите информации за кои се заинтересирани.

4

ТАГОВИ: 27 април АРМ

Back To Top