skip to Main Content

Владата донесе Уредба со законска сила за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите

    6
Владата донесе Уредба со законска сила за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите

Владата на Република Северна Македонија на денешната 25 седница донесе Уредба со законска сила за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите и за сите прашања поврзани со изборниот процес.

Оваа одлука Владата ја донесе заради вонредната состојба прогласена за ефикасно спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, и заради тоа што Собранието на Република Северна Македонија не се состанува за да ја поништи одлуката за распуштање.

-Во такви услови, а заради неоходната потреба успешно да се спроведат мерките за справување со коронавирусот во земјата, Владата донесе Уредба за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои се закажани за 12 април 2020 година. Со оваа Уредба Владата ја задолжува Државната изборна комисија да ја обезбеди и чува постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите, кои ќе продолжат откако ќе биде прогласен престанок на вонредната состојба- наведуваат во соопштението од прес-центарот на Владата.

Уредбата исто така, определува задолжување за Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.

6

ТАГОВИ: Влада ДИК избори уредба

Back To Top