skip to Main Content

(Видео) Шахпаска: Жената има право на репродуктивна слобода, самата да одлучува за сопственото тело

    3
(Видео) Шахпаска: Жената има право на репродуктивна слобода, самата да одлучува за сопственото тело

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска се обрати  на „Generation Equality Forum “, кој се одржа онлајн оваа година со седиште во Мексико Сити од  29-31 март, во  организација на  UN Women и владите на Франција и Мексико.

-Женското здравје, правата, можностите и пристапот до  здравствена заштита на жените се во фокусот на сексуалните и репродуктивни права. Со последните измени на Законот за прекин на бременост  жената има право на репродуктивна слобода, самата да одлучува за сопственото тело, дали, кога и колку деца ќе роди- истакна министерката Шахпаска во своето обраќање.

Таа потенцираше дека концептот на Владата на Република Северна Македонија „Едно општество за сите“ подразбира дека жените и мажите треба да имаат еднакво право, на човечки, социјален, економски и културен развој. Ова, додаде таа,  е концепт кој доследно се имплементира изминатиот период и не прави лидери во регионот.

-Здравствениот систем е должен да одговори соодветно, квалитетно согласно најсовремените стандарди на медицината базирана на докази.  Оттука, со воведувањето на медикаментозен абортус во чекор сме со европските практики и протоколи- посочи Шахпаска.

Таа зборуваше за превентивните програми со кои се овозможува рано откривање на промените на репродуктивните органи кај жените, рана дијагностика и висок процент на успешно лекување. Тоа  генерира и заштеда на сериозни финансиски средства, затоа што жените после успешно лечење се враќаат на пазарот на трудот.

-Воведени се нови терапии за рак на дојка и секоја жена има навремен пристап до нив. Обезбедени се и бесплатни ортопедски градници за оперираните жени. Воведена е и најнапредна технологија за скрининг на рак на дојка во рана фаза, со точна и прецизна дијагностика што е од клучна важност за понатамошниот третман на пациентките- истакна министерката. 

Во поглед на образованието, министерката информираше дека е  подготвен  тригодишен Акциски план за пилотирање на сеопфатно сексуално образование. При што, развиени се едукативни модели за негово спроведување, подготвена е наставна програма на ученици од 13 до 15 годишна возраст и прирачник за наставници за спроведување на овој пилот проект.

-Министерството за труд и социјална политика работи на изготвување на новата Стратегија за родова еднаквост 2021-2026 година. Работната верзија на новиот закон за родова еднаквост е готова, по што ќе отвориме широка дебата во општеството, со единствена цел воспоставување на ефикасен систем на родова еднаквост- додаде Шахпаска.

Таа нагласи  дека  Република Северна Македонија продолжува да работи на унапредување на човековите права, вклучително и на  сексуалните и репродуктивните права на жените, како предуслов за општество втемелено на демократски принципи.

Република Северна Македонија од ноември 2020 година  е партнер во Акциската коалиција  за сексуално и репродуктивно здравје и свои претставници од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство, кои активно учествуваа во подготовката на  визијата, акциите и тактиките на оваа Коалиција.

Форумот во Мексико е главна, глобална пресвртна точка за родовата еднаквост. Тој претставува значаен напор за обединување  владите, корпорациите и креаторите на промени од целиот свет за да ги дефинираат и најават нивните амбициозни инвестиции и политики.  Овој форум претставува и вовед во главниот настан кој ќе се случува во Париз од 30 јуни до 2 јули 2021 година, на највисоко ниво.

3

ТАГОВИ: жени родова еднаквост

Back To Top