skip to Main Content

Видео: Ќе се фокусираме на екипирање и дигитализација на истражните центри во Јавното обвинителство, вели Николовски

    2
Видео: Ќе се фокусираме на екипирање и дигитализација на истражните центри во Јавното обвинителство, вели Николовски

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, на денешната прес-конференција ги презентираше идните владини мерки во реализацијата на вториот приоритет од владината рамка „Акција 21 – европски стандарди дома“, односно борбата против корупцијата и криминалот.

Вицепремиерот Николовски посочи дека преку конкретни мерки и политики, ќе се фокусираме на решавање на случаите за кои постои сомнеж за корупција, на спречување и крајно искоренување на оваа девијантна појава, којашто го враќа општеството назад.

-Нашата цел е да работиме, за да создадеме подобар живот за секој наш граѓанин, а тоа да го обезбедат чесни функционери и отчетни институции, кои работат во интерес на народот и на државата, а не во сопствен или партиски интерес. Во Новата 2021 година продолжуваме со имплементација на препораките од ГРЕКО. Во првата половина на годинава, во соработка со УСАИД ќе се спроведе тест за проценка на интегритетот на членовите на Владата и нивните советници и надворешни соработници. Во соработка со Министерството за правда, ќе се фокусираме на екипрање и дигитализација на истражните центри во Јавното обвинителство, што ќе придонесе во борбата против корупцијата и криминалот преку брзо решавање на предметите- изјави вицепремиерот Николовски.

Во новата 2021 година ќе започне целосно воспоставување на проектот за Интероперабилност меѓу антикоруцписките институции. Преку овој проект ќе се овозможи безбедна и ефикасна размена на податоци за предмети поврзани со корупција, по електронски пат. На тој начин ќе имаме брзи и ефикасни резултати во решавањето на случаите за кои постои сомнеж за корупција.

-Никој нема да смее да затајува и забавува случаи, каде има сомнежи за корупција. Ние никого нема да осудуваме однапред, но имаме задача и обврска сите информации веднаш да ги предадеме кај надлежните институции, за процесите брзо да се завршуваат. Ако има корупција следи казна, ако нема корупција, продолжуваме понатаму.  Оваа година започнуваме со воведување на електронски систем за инспекција „Е-инспектор“, којшто ќе овозможи електронско поврзување и работење на сите 28 инспекциски служби. Со овој систем ќе се намали субјективното влијание на инспекторот за време на инспекцијата- изјави вицепремиерот Николовски.

Оваа година преку креирање на единствен регистар на недвижности за сѐ што е во државна сопственост, како и регистар на подароци, ќе се придонесе за домаќинско управување и постапување со државниот недвижен имот, со што ќе се зголеми и нивото на одговорност на носителите на јавни функции преку почитување на начелата на отчетност и транспарентност.

Вицепремиерот Николовски посочи дека новата 2021-ва ќе биде антикорупциска година, за што ќе се започне со активна и постојана кампања за подигнување на свеста кај граѓаните, за негативните ефекти на корупцијата и за сите механизми кои им стојат на располагање за да се спротистават.

-Во 2021 носиме европски стандарди дома, тоа се принципите и нашата заложба кои ќе не водат оваа година. Преку секоја наша преземена мерка, во оваа заедничка битка против корупцијата и криминалот, ќе покажеме дека можеме да бидеме држава на чесни политичари, држава која чекори напред. Секој што ќе го прекрши законот, ќе мора да се соочи со одговорност.  Мора да има ред еднаш засекогаш во институциите- изјави Николовски.

При тоа, вицепремиерот Николовски потенцираше дека во првите три месеци од мандатот се преземаа конкренти мерки, како што е исполнување на дел од препораките на ГРЕКО, нов поприменлив Кодекс за етичко однесување на именуваните функционери, со кој, освен министрите и замениците министри, се опфатени сите функционери именувани од Владата, се задолжија сите надлежни институции, вклучително и општините и Градот Скопје, на своите веб страни, јавно да ги објавуваат сите документи и информации поврзани со нивната работа, се зголемија надлежностите на инспекциските служби, се зајакна координацијата помеѓу надлежите институцииза борба против корупцијата и криминалот.

2
Back To Top