skip to Main Content

Вештакот – неправосуден орган со голема „правосудна“ моќ

    51
александар маркоски

И покрај тоа што во кривичната постапка во државата е прифатенa теоријата за слободна оцена на доказите, сепак праксата одамна наложи судот кон вештачењето да се однесува како кон regina probationem – крунски доказ. Тоа е посилен доказ отколку исказот на обвинетиот, оштетениот, сведоците, па и материјалните докази. Ова е очекувано со оглед на тоа што странката секогаш говори во свој прилог, сведоците пак, се предложени и подготвени од странките, па затоа честопати – пристрасни, а материјалните докази добиваат најголема сила доколку се интерпретирани од вешто лице.

Вештаците се лица специјализирани или доволно искусни во одредени научни области и располагаат со знаења за одредени проблематики повеќе отколку просечниот човек. Вештакот мора да користи техника и методологија која е проверена и доверлива.

Во државата материјата за оваа проблематика е регулирана со Законот за вештачење (Во натамошниот текст: Законот). Дефиницијата на вештачење согласно чл.2 од Законот е: „…изготвување на стручен наод и мислење изработено врз основа на примена на научни и стручни методи, технички достигнувања, стручни знаења и искуства во областите што се дефинирани во сите случаи определени со закон или по барање на заинтересирано лице – нарачател“.

Странски најчест термин кој се употребува за вештачењето е „експертиза“. На латински јазик вештачењето се нарекува – peritia. Законот во чл.2 ст.1 т.2 дефинира и поим на „Супер-вештачење“, кое претставува „вештачење од повисок степен, односно стручно-критичка експертиза на две противречни вештачења“. Тоа може да го врши тим составен од најмалку тројца вештаци од соодветната област од орган на државна управа, високообразовна установа, научна установа или стручна установа и друштво за вештачење во кое има вработено најмалку тројца вештаци од соодветната област.

Зад секое вештачење се крие кадарноста на едно или повеќе стручни лица. Тие се потписници на нивните стручни наоди и мислења и може да се очекува дека секое вештачење кое како доказ ќе биде предизвикано низ вкрстено испитување во една главна расправа, наедно претставува и тест за професионалноста и интегритетот на вештакот како автор на тоа вештачење.

Согласно чл.2 ст.1 т.5 од Законот, како „вештак“ се дефинира лице кое има лиценца за вештачење од соодветната област и е запишан во регистарот на вештаци. Лиценцата за вештачење се добива преку полагање на стручен испит и истата е со трајност од 5 години и можност за продолжување.

Вештакот сам по себе не претставува одделна професија. Вештачењето не е ниту занает. Но, со оглед на тоа што голем дел од вештаците во реалниот живот се кристализираа како лица со таква вокација неминовно беше и државата да направи своја институција која ќе се занимава со вештачења и ќе конкурира на тој пазар на услуги. Таква институција претставува Бирото за судски вештачења.

Во чл. 5-а ст.1 од Законот се стипулира: „За потребите на органите на државната управа, јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, вештачење врши Бирото за судски вештачења по претходно поднесено писмено барање за вештачење во соодветните области“. Обемот на предмети и областите на вештачења и процени во Бирото се утврдуваат со годишни програми со точни спецификации, а кои програми се објавуваат во Службен весник на РСМ. Сепак, забот на времето ја нагриза оваа институција и денеска е комплетно пасивизирана, а вештачењата кои ги произведува се авторство од ангажирани разни вештаци со договор за дело.

Освен оваа институција, со Законот за прв пат беше востановена и Комората на вештаци. Во надлежностите на Комората најважна е контролната улога. Комората има својство на правно лице со седиште во Скопје. Органи на Комората се: Собрание, Надзорен одбор, Управен одбор и Дисциплинска комисија (в. чл.31 ст.7 од Законот). Согласно чл.38 од Законот, Управниот одбор на Комората формира дисциплинска комисија по пријава од заинтересирано лице. Во реалноста и Комората е уште една пасивизирана институција што можеби се должи на објективни околности (сепак финансиската моќ на оваа Комора е далеку од онаа на коморите на адвокатите, нотарите и извршителите) и еден корупциски скандал на одговорно лице.

Согласно Законот, вештаци може да бидат и трговци – поединци, а и трговски друштва може да се занимаваат со оваа дејност, но треба да имаат вработено најмалку двајца вештаци со лиценца. И високообразовните институции, научните установи и стручните установи врз основа на овластувања утврдени со закон можат да изработуваат вештачења доколку имаат вработено најмалку две лица со лиценца за вештачење.

Освен овие субјекти кои се споменати во Законот, во праксата произлегоа и други правни лица кои би имале таква улога, а се државни институции, како што е на пр. Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје – Скопје.

По однос на дилемата дали за вештачењата во кривичните постапки би бил релевантен и Законот за процена, согласно чл.6 од овој закон се наведува дека процена се врши во стечајната постапка и ликвидациите, но не се наведува дека истата се врши во кривичната постапка, па јасно е дека доколку во праксата постои очигледна потреба да биде направена проценка на материјални добра во кривичната постапка, тогаш тоа ќе биде реализирано или преку економско-материјално или преку економско-финансиско вештачење, но без повикување на Законот за процена.

Согласно чл.8 од Законот за вештачење постојат 18 области на вештачење, но истите не треба тесно да се сфатат, со оглед дека е дадена и фразата „и други“ на крајот од таксативното набројување на областите, а во кои на пример би спаѓало вештачењето за благородни метали и скапоцени камења кое го нема во листата на области.

Вештачењето е едно од доказните средства кои им стојат на располагање на странките заради утврдување на релевантноста на факти што немаат правничка природа.

Согласно чл.236 ст.3 од ЗКП – наредбата за вештачење во претходната постапка ја донесува јавниот обвинител, а на главната расправа судот согласно чл.394 ст.2 од ЗКП (супервештачење). Кога наредбата за вештачење ја дава ЈО тоа значи дека тој со тоа и го назначува – ангажира вештото лице.

( Следува продолжение на овој труд, кој ќе го објавиме наскоро ).


Кратка биографија за авторот

Д-р Александар Маркоски дипломирал на Факултетот за правни науки „Јустинијан Први“, при УКИМ (1997-2003),

-Пост-дипломски студии на факултетот „Јустинијан Први“ во областа на казненото право и криминологија, на тема: „Застарувањето како казнено-правен институт“ на ден 27.12.2010 година,

-Докторски студии (2011-2018) со одбранета дисертација: „Казненоправниот треман на делата на омраза“,

Помлад асистент на „Европски Универзитет-Република Македонија“ во Скопје (2005),

Помлад асистент на „ФОН Универзитетот“, со ангажмани на казнено-правни, криминолошки и безбедносни предмети (2007-2009),

-Избран на функција – Јавен обвинител во Основното Јавно обвинителство во Скопје во 2009 година каде работи сè уште,

-Член на издавачката комисија на Здружението на јавни обвинители на Македонија-ЗЈОРМ (2010-2013),

-Раководител на одделот за имотни деликти при Основното Јавно обвинителство во Скопје (2015-2017).

-Предавач на почетни и континуирани обуки при Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Монографии:

-„КУЛТУРАТА НА ЗАСТАРУВАЊЕТО ВО КАЗНЕНОТО ПРАВО“, Магор, Скопје, 2014,

-„ЗА ПРОПОВЕДТТА, ОМРАЗАТА И СЛОБОДИТЕ-Дискурс кон казнените дела од верска омраза“, Авант прес, Скопје, 2017,

-„СРДБА И КАЗНА – Омнисциенција за криминалитетот од омраза“, Авант прес, Скопје, 2018.

51

ТАГОВИ: александар марковски обвинител труд

Back To Top