skip to Main Content

ВМРО-ДПМНЕ не ги организираше протестите на 27 април, вели Јанкулоска

    4
ВМРО-ДПМНЕ не ги организираше протестите на 27 април, вели Јанкулоска

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска сведочеше за случајот поврзан со организацијата на протестите кои се случија на 27 април 2017 година, таа негираше дека нејзината партија, ВМРО-ДПМНЕ, била организатор на настаните.

Во нејзиното сведочење таа истакна дека била во својата канцеларија во партиското седиште и тврди дека не се случувало ништо невообичаено, а околу 17:00 часот си заминала дома и на телевизија видела што се случува во Собранието.

Во сведочењето Јанкуловска додаде и дека Спиро Ристовски никогаш не бил член на ниту едно партиско тело и дека Миле Јанакиески немал никаква комуникација со општински комитети поврзани со протестите.

Актуелниот лидер Христијан Мицкоски кој во тој период беше генерален секретар, исто така, на сведочењето на 25 декември 2020 година рече дека партијата не стоела зад протестите.

-Ако прашањето е дали партијата ги организираше тие протести, мојот одговор е не- рече тогаш Мицкоски.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за организацијата на „27 април“ ги обвини поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, и бившиот директор на тогашната УБК, Владимир Атанасовски. Сите се товарат за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Во истрагата беа обвинети и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошковски, но тие не се најдоа во обвинението бидејќи во тој момент беа недостапни за органите на прогонот (едниот избега во Унгарија, другиот во Грција) и истрагата за нив остана отворена.

4

ТАГОВИ: 27 април организатори судење

Back To Top