skip to Main Content

Баждарени тасеви, потценети животи

    25

Најкусиот диспозитив во македонското казнено законодавство е стипулиран во казненото дело – Убиство од чл.123 ст.1 од КЗ, кој гласи: „Тој што друг ќе лиши од живот.“ Овие шест зборови предвидуваат изрекување на казна затвор од најмалку 5 години. Во случајов е даден само законскиот минимум, кое нешто подразбира дека законскиот максимум изнесува 20 години казна затвор.

Овој модел на казнено законодавство, со пропишани распони на законски минимум и максимум за секое казнено дело, говори за форматот на казнената политика во една држава. Нашата држава не отскокнува во тој поглед во однос на другите европски држави. Генерално гледано, казнената политика ниту е преблага ниту е престрога. Казнената политика пак е огледало за зрелоста и хуманиот карактер на едно општество каде со општествен „договор“ жителите решиле да создадат држава. Таа треба да е „тамам“. Престрогата или преблагата казнена политика можат да го загрозат тој raison d’être на државата, која во тој случај би се разобличила во авторитарен или диктаторски режим или пак, анархија.

Најзначајна одлика на добрата казнена политика е нејзината конзистентност во правичноста. Согласно член 10 од Уставот, животот на човекот е неприкосновен, а во државата не може да се изрече смртна казна по ниту еден основ.

Аболицијата на капиталната казна со донесувањето на овој Устав при прогласувањето на независноста на државата е и во согласност со тенденциите на Советот на Европа каде нашата држава е полноправна членка (Иако ова не важи и за воено најмоќните земји, како Руската Федерација која е полноправна членка на СЕ и САД која е земја набљудувач). Ова е секако позитивен тренд во казнените политики на европските држави.

Сепак, за темата на казнената политика кај нас потребно е да се земе во обзир казненото дело – Убиство од чл.123 ст.1 од КЗ, бидејќи е потребно да се увиди колку цврсто е заштитено правото на живот на жртвите, а не само на криминалците – осуденици. Во таа насока, потребно е да се направи компарација со висината на санкциите предвидени и за други казнени дела во македонското законодавство каде последиците не биле смртни.

Како прв пример се посочува казненото дело – Разбојништво од чл.237 ст.4 од КЗ кое е квалифициран облик на основното казнено дело пропишано во ст.1 од истиот член. Став 1 гласи: „Тој што со употреба на сила или закана дека непосредно ќе нападне врз животот или телото на друг ќе одземе туѓ подвижен предмет со намера противправно да го присвои, ќе се казни со затвор најмалку пет години“. Ст.4, пак, гласи: „Ако при извршувањето на делото од став 1 -3 на некое лице со умисла му е нанесена тешка телесна повреда или ако делото е сторено во состав на група, банда или ако е употребено огнено оружје или опасно орудие, или ако при извршување на делото во банка, менувачница, пошта или на јавно место е загрозен животот или телото на 2 или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор најмалку десет години“.

Она што е видно е дека споредено со казненото дело – Убиство каде станува збор за изгубен човечки живот, во конкретниот квалифициран облик на казненото дело – Разбојништво не станува збор за смртни последици, а сепак казната затвор е двојно повисока. Тука не прави разлика што во ст.5 од казненото дело – Разбојништво е предвидено изрекување на најстрогата казна во македонското законодавство, а имено – доживотниот затвор, доколку при вршењето на разбојништвото некое лице било лишено од живот.

Уште поголемa недоумица прави и полесното казнено дело – Разбојничка кражба од чл.238 од КЗ. Аналогно на казненото дело – Разбојништво од чл.237 од КЗ, и тука основниот облик на ова казнено дело се казнува со идентична казна како и „Убиството“, а исто така и тука постои сличен став 4 како и при „Разбојништвото“ кое се казнува двојно построго отколку „Убиството“ иако и тука, не станува збор за усмртување на жртвата. Кога стана збор за идентични или слични казни со „Убиството“ и кај други казнени дела, но кои не подразбираат нечија смрт, тука небулоза раѓа и постоењето на казненото дело – Изнуда од чл.258 ст.2 кое дело е квалифициран облик на основниот облик на казнено дело „Изнуда“ и кое се казнува со казна затвор од најмалку 4 години.

Неговото битие гласи: „Тој што делото од став 1 ќе го стори во состав на група, банда или друго здружение или со употреба на огнено оружје или опасно орудие, на особено насилен начин или ако притоа е прибавена значителна имотна корист или настапила значителна имотна штета или на некое лице со умисла му е нанесена тешка телесна повреда или делото е сторено од омраза“. Како што може да се види, и тука не станува збор за нечие лишување од живот при сторување на делото, а сепак, казната е строга речиси колку и за „Убиството“. Секако, постои и најстрогиот став во ова казнено дело, став 4, каде се стипулира дека ако при извршувањето на основниот облик на изнуда некое лице со умисла биде лишено од живот, сторителот ќе се казни со затвор најмалку 10 години или со доживотен затвор. Но, излишно е постоењето на овој став во ситуација кога постои и квалифицираниот облик на „Убиството“ во чл.123 ст.2 т.4 од КЗ, каде е предвидена идентичната – најстрога казна доживотен затвор, доколку убиството било сторено од користољубие. Кога станува збор за изнудата која спаѓа во криминолошката група на имотни деликти, инхерентно е дека мотивот е користољубие. Оттаму, во овој дел постои непотребна двојна инкриминација на едно исто дејствие.

Сврзано со правото на живот е и правото на телесен интегритет, кое нешто е исто така уставна категорија (Види чл.11 од Уставот). Постои уште една дискрепанца во казнената политика, а имено во поглед на построгото казнување на казненото дело – Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување од чл.142 ст.2 од КЗ, кое е квалифициран облик на основното казнено дело пропишано во ст.1 од истиот член.

Спорниот став парафразирано гласи дека тој што во вршењето на службата, како и тој што наведен од службено лице или врз основа на негова согласност, ќе употреби сила, закана или друго недопуштено средство или недопуштен начин со намера да изнуди признание или некоја друга изјава од обвинетиот, сведокот, вештакот или друго лице, или ќе предизвика кај друг тешко телесно или душевно страдање за да го казни за казнено дело што го сторило или за што е осомничен тој или друго лице, или за да го заплаши или да го присили на откажување од некое негово право, или ќе предизвика такво страдање поради каков било облик на дискриминација, па при тоа ќе настапи тешка телесна повреда или други особено тешки последици за оштетениот, или делото е сторено од омраза, ќе се казни со затвор најмалку четири години. Ако се погледне ова казнено дело во констелација со казненото дело – Тешка телесна повреда од чл.131 ст.4 од КЗ, кое е квалифициран облик на основното дело од овој член и каде станува збор за настапување на смртни последици на жртвата на тешката телесна повреда, а кое казнено дело се казнува со казна затвор од најмалку една година, тогаш логиката ја губи почвата под нозете. Една година е далеку помалку од 4 години.

Резимирано, правото на живот иако неприкосновено и уставна категорија, сепак во очите на законодавецот нашло да потклекне како пред гарантираното право на сопственост, споменато во чл.30 од Уставот, така и пред потребата на државата да ги дисциплинира еполетите.

Со анализа на казнената политика се добива впечаток дека државата ревносно го штити капиталот и сопственоста на граѓаните (особено финансиските субјекти од чл.237 ст.4 од КЗ: банки и штедилници), па дури и повеќе отколку самите граѓани, а тоа е видно и од примерот на постоечката драконска санкција за основниот облик на казненото дело – Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма од чл.285 ст.1 од КЗ, која изнесува од 3 до 20 години казна затвор. Дискутабилно е колку е истото нужно во нашето општество со оглед на актуелностите.

Навистина, она што е ретко мора и да биде заштитено. Но како што се ретки инвестициите и странските банки, така се разретчија и граѓаните. Настрана од саркастичните споредби, она што е примарно е дека правото на живот воопшто и не треба да биде полемизирано, дебатирано или ставано во клишеа и безвредни демагогии, затскриени со називите: „правно добро“, „објект на заштита“ или „уставна категорија“. Тоа едноставно спаѓа во природните права, нешто кое е основно правило и во „Десетте заповеди“; во другите верски текстови, па дури и кај паганските обичаи.

Неговото запазување е она што го двои човекот од останатиот жив свет. Е тука треба законодавецот да ја антиципира оваа вечна вистина, без притоа да се збуни доколку казнената политика продолжи и понатаму да ги третира еден друг вид казнени дела, а имено грстот казнени дела во главата XXVIII од КЗ, насловена како – Кривични дела против државата, како најтешки казнени дела за кои се предвидени најстроги казни, и нормално – построги отколку кај „Убиството“. За нив во оваа колумна не ќе стане збор, а и оправдано е еден „убиец“ на државата која е гарант на животот и здравјето на целата заедница, да се смета дека сторил поголем грев отколку класичиот убиец. Во меѓувреме, електоратот во кој спаѓаме сите, од пратениците во Собрание кои ја „баждарат вагата на правдата“, да си побара гласање на помека казнена политика во оние спорни казнени дела, споменати погоре.


Кратка биографија за авторот

Д-р Александар Маркоски дипломирал на Факултетот за правни науки „Јустинијан Први“, при УКИМ (1997-2003),

-Пост-дипломски студии на факултетот „Јустинијан Први“ во областа на казненото право и криминологија, на тема: „Застарувањето како казнено-правен институт“ на ден 27.12.2010 година,

-Докторски студии (2011-2018) со одбранета дисертација: „Казненоправниот треман на делата на омраза“,

Помлад асистент на „Европски Универзитет-Република Македонија“ во Скопје (2005),

Помлад асистент на „ФОН Универзитетот“, со ангажмани на казнено-правни, криминолошки и безбедносни предмети (2007-2009),

-Избран на функција – Јавен обвинител во Основното Јавно обвинителство во Скопје во 2009 година каде работи сè уште,

-Член на издавачката комисија на Здружението на јавни обвинители на Македонија-ЗЈОРМ (2010-2013),

-Раководител на одделот за имотни деликти при Основното Јавно обвинителство во Скопје (2015-2017).

Монографии:

-„КУЛТУРАТА НА ЗАСТАРУВАЊЕТО ВО КАЗНЕНОТО ПРАВО“, Магор, Скопје, 2014,

-„ЗА ПРОПОВЕДТТА, ОМРАЗАТА И СЛОБОДИТЕ-Дискурс кон казнените дела од верска омраза“, Авант прес, Скопје, 2017,

-„СРДБА И КАЗНА – Омнисциенција за криминалитетот од омраза“, Авант прес, Скопје, 2018.

25

ТАГОВИ: д-р Александар Маркоски јавен обвинител

Back To Top