skip to Main Content

Адвокат Маја Ристова: Верувам дека набргу ќе ја имаме првата правосилна пресуда за мобинг

    81
Адвокат Маја Ристова: Верувам дека набргу ќе ја имаме првата правосилна пресуда за мобинг

Независно од тоа дали сте жена или маж адвокат, доколку го владеете правото, имате искуство и вештини, ќе предничите пред другите, смета адвокат Маја Ристова од Скопје, која во интервју за „ЈанакиЗнае“ неисцрпно говори за својата богата кариера, на повеќе полиња.

Ристова покрај адвокатурата, е претседател на Асоцијацијата на Менаџери на Македонија, која ги претставува и застапува интересите на менаџерите во земјата и во странство.

Во интервјуто за „ЈанакиЗнае“, Ристова меѓу другото, вели дека се залага за ветинг во судството и обвинителството. Смета дека повеќе од неопходни се брзи, темелни и квалитетни реформи. Реформи, кои ќе значат владеење на правото, гарантирање еднаков пристап до правдата, брзи и ефикасни постапки, усвојување европски стандарди и слично.

ЈанакиЗнае: Јавноста Ве препознава претежно по областите на работните односи. Активна ли сте и во практицирање на други области од правото?

Маја Ристова: Да, секако дека сум активна и во други области, а особено ми се предизвик оние каде нема (доволно) позитивна судска пракса. Тоа се предметите за кои важат ново донесените закони или каде постои законска регулатива, но нема пракса. Иако магистрирав на кривичната матeрија, во моментов работам на сè што спаѓа под граѓанска материја.

ЈанакиЗнае: Мобингот, иако повеќе години e дел од Законот за работни односи, во пракса тешко се докажува. Какво е вашето искуство?

Маја Ристова: Мобингот или вознемирувањето на работното место е регулиран и со посебен закон- Закон за заштита од вознемирување на работното место, што е чекор напред од тоа истиот да биде само дел од генерален закон. Ќе се согласам дека е тежок за докажување, но и ќе потенцирам дека докажувањето е возможно, ако навистина дејствието е вршено и ако за тоа постојат докази. Имено, доколку жртвата умее да го препознае и има простор и трпение да собира докази, гарантирам дека ќе успее да докаже дека е мобирана. Голем оптимист сум на темава и сметам дека набргу ќе имаме правосилна пресуда со која ќе се утврди вршење на вознемирување на работното место-мобинг.

ЈанакиЗнае: Расте ли бројот на поплаки за мобинг?

Маја Ристова: Да, расте и тоа ме радува. Но, повеќе би сакала да се намалува вознемирувањето на работното место од еден работник/соработник према друг, отколку да растат поплаките. Но, сепак светлата страна во зголемените поплаки е тоа што жртвите, или тие што се именуваат како жртви, имаат желба спорот да го решат на мирен и спогодбен начин, односно да го “заобиколат” судот, која можност им се дава со lex specialis Законот за заштита од вознемирување на работното место.

ЈанакиЗнае: Дали сте работеле на судски предмет за повреда на авторско право и ако да, дали тој случај е правосилно окончан?

Маја Ристова: Да, сум работела, но и во моментот имам осум активни постапки со кои освен што бараме да се утврди дека се повредени авторските права на авторот, бараме и надомест на штета поради оваа повреда. Неодамна завршив осум судски постапки од овој тип, од кои седум се позитивни, а од тие седум веќе три се правосилни и извршни (конечни). Интересно е што сите предмети се за повредени авторски права на интернет, односно за неовластено преземање на фотографија од „Гугл“, нешто што досега го немало во судската пракса.

ЈанакиЗнае: Како го цените новиот Закон за спречување на дискриминацијата? Ги исполни ли тој Вашите очекувања?

Маја Ристова: Изнаоѓањето на законско решение кое ќе овозможи еднакви права и заштита за сите, е одлична идеја, само ако истото не остане “мртво слово на хартија”. Како и кај мобингот, така и кај дискриминацијата, сметам дека граѓаните прво треба да се едуцираат за да може истото да го препознаат, за потоа да може да го превенираат и да се заштитат. Значајно е што новото законско решение за спречување и заштита од дискриминација овозможува и превенција од дискриминирање, професионализирање на надлежната Комисија, и што е најважно нуди можност за ослободување на граѓаните од судски такси за овие постапки. Само ако има доследна примена на овие одредби, ова законско решение ќе ги исполни моите очекувања.

ЈанакиЗнае: Судството е често мета на критика, и во континуитет има ниска доверба кај граѓаните. Каде ги детектирате главните причини за ваквата висока недоверба меѓу општата популација?

Маја Ристова: Моето мислење е дека со години наназад тлееше недовербата на граѓаните во судската власт, но истото ескалираше кога во јавноста беа објавени прислушуваните разговори од каде можеше да се слушне како носители на високи јавни функции од извршната власт ја креираат кадровската политика во судството, како се договараат судските одлуки, како се избрираат судиите, како се амнестираат високи функционери и сл. Недовербата растеше и кога јавноста можеше директно да согледа бројни неспроведени судски одлуки, двојни аршини при казнувањето (особено при изрекувањето на мерката притвор) и селективно постапување. Сите слушнавме за “сваровски судството” и за случаите кои ја отсликаа сервилноста на судството кон власта, но никој не понесе одговорност, ниту пак има изгледи дека истото ќе се случи во блиска иднина. Имено, само преку креирање на здрави кадровски политики, градење на личен и професионален интегритет на судиите, овозможување нивно независно постапување ослободено од било какви влијанија и притисоци, како и континуирано стручно усовршување и едуцирање, можеби и ќе може да ја врати довербата на граѓаните во судскиот систем.

ЈанакиЗнае: Дали се залагате за ветинг во судството?

Маја Ристова: Апсолутно да, како во судството, така и во обвинителството. Но, ветингот иако корисен, истиот е и долгорочен процес. Како пример ќе ја земам Албанија, каде ветингот иако е започнат пред три години, до денес, сè уште не е завршен. Да не зборуваме пак за тоа колку процесот е сериозен, и каква стручна и научна анализа е потребна за да се спроведе. А што дотогаш? Факт е дека во нашата земја, во оваа област, повеќе од неопходни се брзи, темелни и квалитетни реформи. Реформи, кои ќе значат владеење на правото, гарантирање еднаков пристап до правдата, брзи и ефикасни постапки, усвојување европски стандарди и сл.

ЈанакиЗнае: Претседател сте на Асоцијацијата на Менаџери на Македонија. Запознајте не одблизу со активностите на Асоцијацијата.

Маја Ристова: Асоцијацијата на менаџери на Македонија има за цел да создаде обединета, координирана и организирана деловна мрежа на менаџери, во која менаџерите ќе се едуцираат, соработуваат и активно учествуваат во процесите за унапредување на економскиот, работниот и општествениот амбиент. Асоцијацијата ги претставува и застапува интересите на менаџерите во земјата и во странство, а особено се залага менаџерите да имат поголеми права и значајна улога во донесувањето на закони кои ја тангираат менаџерската фела.

ЈанакиЗнае: Како е да се биде жена адвокат во Македонија? Предност или хендикеп?

Маја Ристова: Веројатно исто како и да се биде маж адвокат. Сметам дека ниту е предност, ниту хендикеп. Не верувам дека клиентите кога избираат адвокат, тргнуваат од тоа дали е жена или маж (посебно мислам, не кога имаат предмет во граѓанска материја). истото важи и за во судница. Значи ако имате знаење, искуство и вештини, ќе бидете во предност пред другите, независно од тоа дали сте жена или маж адвокат.


Кратка биографија за соговорникот

Маја Ристова е дипломиран правник и магистер по право. Од 2014 година се стекнува во адвокатска лиценца.

Има богато работно искуство: Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ), од 2011 година работи како правен советник во Невладина организација за заштита на жени, Скопје, работела во повеќе адвокатски фирми, за во 2015 да основа своја адвокатска канцеларија со која радоводи сè уште, во својство на самостоен адвокат.

Од 2017 година е претседател на Асоцијацијата на менаџери на Македонија (АММ).

Ристова предавала на многу значајни конференции и посетила без број обуки, со цел да го збогати своето знаење.

 

81

ТАГОВИ: адвокат интервју маја ристова мобинг

Back To Top