skip to Main Content

Ќе се доработува Законот за опојни дроги, по реакцијата на здруженијата

    3
Ќе се доработува Законот за опојни дроги, по реакцијата на здруженијата

Измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, кои наидоа на реакции од граѓанската иницијатива „Операција Билка“, сега повторно се враќаат на доработка во македонскиот Парламент.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека законот што ги регулира дејностите со канабисот повторно ќе се пушти во процедура, но откако ќе се усогласат сите страни.

-Во однос на сугестиите на граѓанските организации кои што дојдоа дополнително откако го пуштивме законот во владина, а потоа во собраниска процедура, имавме уште еден состанок и тие укажаа на нивните барања и нивните барања морам да потенцирам дека во еден дел се однесуваат на тој дел од законот што го регулира канабисот за медицинска употреба, а во друг дел и на некои други аспекти. Имајќи го тоа предвид ние законот го повлековме и ќе го вратиме на доработка, а тогаш кога ќе се усогласат сите заинтересирани страни повторно ќе го пуштиме во соодветна процедура-изјави министерто за здравство, Венко Филипче за медиумите.

Претходно, здружените организации и граѓани реагираа дека со законот се регулирани условите и начинот за одгледување и производство на канабис за медицински цели на уште порестриктивен начин од досегашниот, донесен во 2016. Сметаат дека се овозможуваат услови за монополизација и политичко влијание преку процесите на доделување лиценци.

Во реакцијата која беше пуштена јавно до медумите и социјалните мрежи, стои дека канабисот е растение за кое Владата нема направено истражување за да го класифицира како дрога, туку фармацевските продукти кои ги овозможува во улога на лек и, за таа цел овозможи и, на индивидуи да можат легално да одгледуваат мал број на стебла за лична употреба.

Оттаму, појаснуваат и бараат Обвинителството да прекине да гони луѓе кои употребуваат канабис, а за кои нема никакви докази дека продаваат спротивно на одредбите од Кривичниот закон.

Понатаму, нагласија дека уште кога прв пат се донесе законот, во практика овозможи да се појават на пазарот мал број на лекови од канабис чија цена е превисока, а квалитетот не одговара на потребите на пациентите.

-Граѓаните кои бараат шанса за здравје и живот во овој лек, продолжија да го купуваат од црниот пазар, изложувајќи се себе си на ризик од криминализација. Како доказ за криминализација на канабис за лична употреба, доволно е да го погледнете Билтенот на МВР. Во него речиси секоја вест опишува спроведување на млади луѓе во полициски станици за мали количини на канабис за лична употреба и, поведување на постапки кои дополнително ја отежнуваат работата на судовите и/или, ги полнат и така преполните затвори-пишува во реакцијата на „Операција Билка“.

Во иницијативата „Операција Билка“ се приклучија организациите „Билка“, „О2 Иницијатива“, „Плоштад Слобода“, но и повеќе активисти и граѓани индивидуалци, кои се потпишуваат на отворена листа кон заложбите за „Декриминализација сега“.

Инаку, Законот за легализација на канабисот во медицински цели беше донесен во 2016-та година од страна на претходната Влада. Но и покрај легализацијата, бенефит досега не видоа ниту економијата, ниту пациентите.

Затоа, граѓанската иницијатива „Операција Билка“ ја повикува Државната комисијата за спречување на корупција да го истражи начинот на донесување на законот и вистинските намери за наметнување на строги критериуми на Министерството за здравство и на Владата.

3

ТАГОВИ: закон за опојни дроги операција билка реакција

Back To Top