skip to Main Content

Љупчо Николовски: Нема фаворизирање на фирми за одгледување на канабис

    59
Љупчо Николовски: Нема фаворизирање на фирми за одгледување на канабис

Нема помирување без простување, исто како што нема напредок без реформи и интеграција. Време е да ги оставиме омразата и поделбите зад нас. И во таа смисла, јас ќе простам, но нема да заборавам, вели во интервју за ЈанакиЗнае министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, кој беше еден од тројцата оштетени, кој заврши со тешки телесни повреди во инцидентот кој се случи во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година.

Министерот Николовски за ЈанакиЗнае, исто така истакна дека не се согласува со мнението на дел од граѓаните дека се фаворизираат само одредени фирми кои се занимаваат со одгледување на канабис наменет за медицински цели, туку напротив вели дека законот предвидува исполнување на минимум стандарди кои се повеќе од потребни, а законските обврски се во контекст на безбедноста на објектите, ангажирање на стручен кадар и обезбедување на соодветни услови за производство.

Како Влада, вели министерот Николовски, уште од самото доаѓање е воведена пракса на неселективна и навремена исплата на субвенциите. Факт е дека нашите земјоделци се сиромашни, но владата е решена таа слика да ја промени преку соодветни мерки и политики, мерки кои ќе доведат до зголемени инвестиции во земјоделството, до конкурентни производи и примарни и финални, а тоа крајно за земјоделците ќе значи поголеми приходи.

ЈанакиЗнае: Почитуван, речиси година и половина сте на позицијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Кои проекти и активности на министерството за тој период ги сметате за најпозитивни?

Љупчо Николовски: Од почетокот на мандатот посветено работиме на политики кои се важни за развојот на секторот и кои ќе го вратат достоинството на македонскиот земјоделец. Преземавме низа мерки, решенија и измени на закони, се со цел земјоделството да тргне во нагорна линија. Но, треба да бидеме сите реални, дека не можат некои работи да се променат брзо. За една година преку спроведената ревизија успеавме да ослободиме околу 24.000 хектари земјоделско земјиште, да распишеме 12 огласи и да склучиме стотици договори. Направиме промени во пристапот на субвенционирање, односно акцентот го ставаме на развојните мерки, кои не само што ќе им помогнат на земјоделците, туку и ќе придонесат за развој во секторот. За 20 отсто ги зголемивме субвенциите за растително производство за земјоделците со развоен потенцијал и за 10 отсто се зголемија субвенциите за сточарско производство за истата категорија земјоделци. Воведовме нов модел на зголемени субвенции за тутунот, 80 денари за прва класа, 70 за втора класа и 60 денари трета,четврта и дополнителните класи. Овој модел даде резултати. За реколтата 2018-та имаме издадени 23.430 евидентни листови.

Вкупната договорена количина за откуп изнесува над 29.000 тони тутун. Споредено со реколтата 2017-та, за новото производство на тутун се издадени 57 евидентни листови повеќе од лани и се склучени над 4.700 повеќе договори од ланската реколта. Воедно има и зголемување на засадените површини со тутун, и тоа за 387 хектари. Во 2017-та се постигна највисока откупна цена за тутунот од 217,6 денари. Досега од реколтата 2018-та се откупени близу 15 милиони килограми тутун по просечна откупна цена од околу 210 денари за килогра. Ова е одличен резултат ако се има во предвид дека тутунот е стратешка извозна култура која носи девизен прилив од околу 100 милиони евра. Имаме значаен напредок во лозарството и винарството. За 11 отсто е зголемен извозот од секторот лозарство и винарство во првата половина од годината. Поддршката за овој сектор ја продолжуваме и оваа нова 2019-та година, не само преку мерките од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството туку и преку двојно поголема финансиска поддршка за промоција на лозарството и винарниците на меѓународните саеми. Интензивно работиме на измените на Законот за вино, во кој што предвидуваме олеснителни услови за производство на вино во мали винарии и за физички лица производители на вино, односно ќе се овозможи развој и отворање на нови мали семејни винарии. Конкретно со измените се овозможува полесно регистрирање на капацитети и производството на вино кое ќе може да се продава од самата винарија.

Развојот на малите семејни винарии ќе придонесе и за зголемување на туристичкиот потенцијал на познатите лозарски региони во државата, а воедно и за поголем развој на пазарот на грозје и вино. Показател дека работите полека тргнуваат во позитивна насока се и последните статистички податоци кои покажуваат дека извозот на македонските земјоделско-прехранбени производи во октомври 2018 во споредба со истиот период лани е зголемен за околу 10 милиони евра.

Она што го започнaвме 2018- година и е воедно најважен услов за едно конконкурентно земјоделство, се капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура. Оваа година започнавме со реализација на дел од нив, следната година продолжуваме со забрзано темпо. Како најголема капитална инвестиција која што ја започнавме 2018-та година ќе ја посочам изградбата на браната Конско во Гевгелија, проект вреден 40 милиони евра. На терен градежните работи се одвиваат интензивно, а реализацијата на овој капителен проект ќе овозможи наводнување на нови 8 илјади хектари плодно земјиште. Во текот на минатата година исто така започнавме со изградба на хидросистемот Равен –Речица, чија што инвестиција изнесува 15 милиони евра. Овој хидросистем е важен за наводнување на земјоделските површини во полошкиот регион и ќе обезбеди наводнување на над 3 илјади хектари обработливо земјиште. И следната година нашиот фокус остануваат капиталните инвестиции. Ја завршивме првата фаза од Проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардара, со што се создадоа услови да започнаеме со втората фаза за овој проект и наскоро ќе се склучи договорот со избраниот изведувач за реализација на втората фаза на овој проект кој што ќе овозможи наводнување на околу 2.000 хектари земјоделско земјиште во валандовскиот регион.

Воедно, преку германската KFW банка обезбедивме уште 20 милиони евра за изградба и на третата фаза од овој проект со којшто се опфаќа наводнување за уште 1.700 хектари. Издадено е одобрението за изградба на браната на Оризарска река во Кочани, инвестиција вредна 30 милиони евра, чија што реализација започнува следната 2019 година. За хидросистемот Злетовица обезбедивме дополнителни 3,5 милиони евра за првата фаза, со што ќе се овозможи околните општини, Лозово, Карбинци, Свети Николе, Штип и Пробиштип да се поврзат на овој систем и да продолжи изградбата на хидросистемот во овој регион за наводнување на уште 5 илјади хектари во Велес и Чашка. Од исклучително значење е и проектот на Европската унија за изградба на мали еколошки системи за наводнување во износ од над 1,7 милиони евра. Со овој проект на ЕУ од 80 мапирани точки, за почеток одредивме 10 кои се приоритени, а од кои веќе во три региони изградбата е започната. Сите овие капитални проекти ќе доведат до полесен пристап до вода за земјоделските површини, зголемување на наводнуваните површини, намалување на производствените трошоци, порентабилно производство.

ЈанакиЗнае: Дали како министерство имате долгорочен план за македонските земјоделци по евентуалниот влез на Република Македонија во ЕУ? Свесни сте дека ЕУ е прилично строга во погледот на делење субвенции, па оттука какви се плановите на министерството во овој поглед?

Љупчо Николовски: Влезот во Европската унија за македонскиот аграр значи отворање на пазар од 500 милиони потрошувачи, повеќе пари од европските фондови, поголем приход за македонските земјоделци. Но, за сето ова да го добиеме, мора да и ги исполниме условите што ги бара ЕУ и да се прилагодиме кон заедничката земјоделска политика. Затоа уште на почетокот на мандатот во 2017 година од ЕУ побаравме помош во подготовката на анализа за на импактот на субвенциите во земјоделскиот сектор. Со финансиска поддршка на Европската комисија беше извршена евалуација на влијанието на ИПА и националните фондови на реформите во секторот земјоделство и рурален развој. Анализата е готова, а резултатите покажаа дека системот на директни плаќања не е во согласност со ЕУ барањата, големиот број на мерки и подмерки е тежок за следење како за МЗШВ, така и за Платежната агенција, во однос на менаџирање и контрола, па затоа се јавува доцнење на исплата на финансиските средства. Врз основа овие резултатие препораките на ЕУ се, сегашната национална политика на директни плаќања да се симплифицира со тоа што постепено ќе се воведе плаќање по обработлива земјоделска површина, да се изготви план за воведување на мерките кои се во согласност на ЕУ Заедничка Земјоделска Политика и да се имплементира, а тој план да ги задоволи потребите на секторот земјоделство со сите свои карактеристики. Овој процес на усогласување ќе резултира со промени во земјоделската политика во државата и административниот систем.

Како ресорно министерство веќе работиме на план како овие препорки да ги спроведеме во пракса. Првиот чекор е да ги издвоиме сите земјоделски стопанства што аплицираат за субвенции, а кои што имаат површини до еден хектар, во една група. Конкретно, овие земјоделци нема да треба да аплицираат за повеќе различни мерки и подмерки, туку сите ќе бидат во групата мали земјоделски стопанства и тоа се речиси половина од корисниците на субвенции. На овој начин ја растеретуваме Платежната агенција и контролата од страна на Агенцијата ќе може да се пренасочи кон остатокот од апликантите со поголеми површини кои добиваат и повеќе субвенции. Во 2018 –та година веќе воведовме модел за повисоки субвенции за земјоделците со развоен капацитет и тој модел останува и во 2019 година, паралелно со новите мерки кои ги планираме за оваа година, а за кои земјоделците дополнително ќе бидат информирани. Воедно, правиме анализи како дополнителните мерки за предадена количина да ги вградиме во основните субвенции. Работиме на мерки кои ќе значат поддршка за младите луѓе кои сакаат да се занимаваат со земјоделство. Контурите на новата стратегија за субвенционирање веќе се исцртани, промената значи зголемување на сумите кои што ќе се издвојуваат за Програмата за рурален развој, како програма која што нуди инвестиции во земјоделството. Затоа и во Буџетот за 2019 година сумата за оваа програма од годинешните 1,6 милијарди денари е зголемена на 1,7 милијарди денари. Во 2019 година планираме за прв да воведеме инвестициската мерка за поддршка на преработувачката индустрија, во која државата ќе ги поддржи приватните инвеститори и преку јавни приватни партнерства ќе дава финансиска помош за развој на преработувачката индустрија.

Она што е многу важно е зголемување од два и пол пати на парите за национално кофинансирање за ИПАРД програмата, бидејќи се склучени рекорден број на 932 договори само за еден повик за ИПАРД 2 Програмата, што ќе треба да се исплатат оваа година . Во завршна фаза е интегрираниот систем за администрација и контрола кој што е финансиран од ЕУ и преку кој ќе се обработуваат сите барања. Со проектот за воспоставување на ИАКС софтвер , се работи на зајакнување и подготовка на јавната администрација и институции со цел да се обезбеди ефикасно спроведување на Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) по влегување на Република Македонија во ЕУ. Целта на проектот е да се воспостави и имплементира ефикасен и прецизен финансиски систем за Агенцијата за поддршка во земјоделството и руралниот развој, да се развијат сите елементи на целосно интегрирано административно и контролно работење во процесот на обработка на апликациите и контрола на користењето на програмата за директни плаќања со сите нејзини подмерки.

ЈанакиЗнае: Како ресорно Министерство објавивте оглас за закуп на државно земјиште. Дали може за јавноста да посочите кој може да аплицира за добивање државно змјиште под закуп над 3 хектари?

Љупчо Николовски: Се работи за јавен оглас за давање на државно земјоделско земјиште под закуп над 3 хекатри, кој што се разликува од претходните. Конкренто предмет на овој оглас се најатрактивните парцели во државата, а на понудените локации освен примарно производство, заинтересираните треба да понудат и бизнис план за преработувачки капацитети. Со овој оглас се објавени над 1.420 хектари државно земјоделско земјиште, на кои освен долгогодишни насади со овошје, лозје, лешници и маслинарци, се отвора можност и за изградба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи како винарници, кланички капацитети, центри за преработка на овошје и зеленчук, откупни центри, млинови, оранжерии и други објекти тесно поврзани со земјоделското производство.

Со огласот ќе биде опфатени 23 земјишни атрактивни парцели во 13 региони и тоа: Штип, Гостивар, Гевгелија, Куманово, Неготино, Велес, Ресен, Св.Николе, Валандово, Гази Баба, Кратово, Берово и Струга. Ваквите типови на огласи ќе обезбедат не само раст на капиталните влогови во земјоделството, туку и производство на финални производи кои ќе бидат конкурентни на домашниот и на странскиот пазар, решавање на проблемите со откупот и вишоците што се јавуваат преку инвестиции во преработувачки капацитети, отворање на нови работни места, економски развој на регионите.

На огласот кој што ќе биде по пат на електронско наддавање, имаат право да конкурираат имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица, а рокот за доставување на понуди е до 17-ти овој месец .

ЈанакиЗнае: Каква е состојбата со редовноста на исплата на субвенциите? Во минатото редовна појава беше да има сериозни доцнења? Дали е таа состојба надмината, што ни говорат податоците за оваа година?

Љупчо Николовски: За жал, цела деценија субвенциите се исплаќаа селективно или воопшто се користеа како начин да се контролираат земјоделците, наместо како механизам клучен за развој и напредок во секторот. Самиот податок дека нема поместување во нагорна линија во однос на површините, производството, увозот и извозот, покажува дека изминатите години субвенциите како државна помош немале развојна туку социјална компонента. Факт е дека нашите земјоделци се сиромашни, но наша задача како Влада е да ја промениме таа слика преку соодветни мерки и политики, мерки кои ќе доведат до зголемени инвестиции во земјоделството, до конкурентни производи и примарни и финални, а тоа крајно за земјоделците ќе значи поголеми приходи. Затоа работиме на ефикасно искористување на европските фондови и на поголема поддршка на Програмата за рурален развој. Како Влада, уште од самото доаѓање воведовме пракса на неселективна и навремена исплата на субвенциите.

Ќе посочам еден пример, кога дојдов како министер за земјоделство јуни 2017 година затекнав состојба на блокиран софтвер за исплата на субвенции, веднаш пристапивме кон решавање на проблемот и резултатот беше во еден ден исплата на 25 милиони евра субвенции за тутунарите, во еден ден исплативме околу 3 милиони евра за пчеларите и ред други исплати. Затекнавме големи суми на неисплатени субвенции за претходни години, пари кои што ги исплативме и вративме кај земјоделците. Сега работиме систематски, за вистински да им помогнеме на земјоделците, но и да поттикнеме стабилен развој во секторот. Од почетокот на мандатот досега исплативме близу 200 милиони евра субвенции, и тука не се само субвенциите за мерките од Програмите за 2017 година, туку и субвенциите кои претходната власт не ги исплатила, односно заостанати обврски за 2013, 2014, 2015 и 2016 година. Навреме пред почетокот на новата производствена сезона, субвенции добија, лозарите и тутунарите, таа пракса ќе продолжи и за другите земјоделски култури.

ЈанакиЗнае: Бевте еден од тројцата оштетени кои на 27 Април 2017 година во настаните во Собранието завршија со тешки телесни повреди. Дали како правник, а не како политичар, можете да им простите на вашите тогашни колеги пратеници кои ги отворија вратите во Собранието? Нели е тоа селективна правда?

Љупчо Николовски: Верувам и во правда и во помирување, онолку колку што верувам во перспективите од влезот на Македонија во НАТО и ЕУ. Токму тоа и ќе го добиеме, бидејќи овие процеси се меѓусебно поврзани. Нема помирување без простување, исто како што нема напредок без реформи и интеграција. Време е да ги оставиме омразата и поделбите зад нас. И во таа смисла, јас ќе простам, но нема да заборавам. А одговорност за тие кои го осмислија и организираа 27 април мора да има, исто како и за тие кои се дрзнаа да вршат насилство. Да им дадеме шанса на непристрасните судови да си ја завршат својата работа.

ЈанакиЗнае: Бизнисот со канабис се повеќе зема замав. Но речиси две години по легализацијата на канабисот во медицински цели, го делите ли впечатокот дека се носат законски измени единствено во насока на фаворизирање на големиот бизнис? Производи на пазарот речиси и да нема….

Љупчо Николовски: Точно е дека постои голем интерес за одгледување на канабис за медицински потреби, но не би се согласил дека има фаворизирање на одредени фирми. Законот е јасен, прецизен и детален во секој сегмент. Треба да се има во предвид фактот дека законот предвидува исполнување на минимум стандарди кои се повеќе од потребни. Законските обврски се во контекст на безбедноста на објектите, ангажирање на стручен кадар и обезбедување на соодветни услови за производство. Мислам дека ќе се согласите дека сите овие услови се основа за квалитетно производство. Сметам дека две години и не се така долг период за процес на кој што треба систмески да му се пристапи. Улогата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е во процесот на добивање на лиценци за одгледување и во тој поглед сум сигурен и ви тврдам дека сите оние кои имаат ваква лиценца ги исполнуваат пропишаните законски одредби. Има и неколку фирми кои имаат добиено и лиценца за екстракција, што значи дека веќе започнува и тој процес на добивање на производи од примарниот продукт, но Комисијата за исполнување на условите за добивање на дозвола за екстракција е во надлежност на Агенцијата за лекови.

ЈанакиЗнае: Во овој дел едно од барањата на Здружението за канабис и зелени политки „БИЛКА“ Скопје е фокусот на државна контрола да се префрли од Министерството за здравство кај Министерството за земјоделство. Има ли физички и инакви капацитети Министерството со кое раководите за такво нешто?

Љупчо Николовски: Во овој момент за нас како држава е важно да имаме квалитетен процес, а помалку важно е која од институциите ја има главната улога, како министерства имаме одлична соработка и комуникација и сметам дека синхронизираноста на сите министерства и институции е клучот за секоја мерка и политика на Владата да биде успешно и ефикасно спроведена. А, идејата за спојување на повеќе институции во суштина е најмногу заради здружување на човечките капацитети. МЗШВ е отворено за секакви предлози кои ќе значат подобрување на процесот. Тоа подразбира и предлози од невладините организации, разменување на информации со капацитетите кои веќе започнаа со работа и секако се трудиме да учиме и од странските искуства. Ова производство претставува новитет за сите нас и затоа сметам дека само заеднички преку меѓуинституционална соработка, заеднички можеме да донесеме крајни решенија и одлуки, од кои сите ќе бидат задоволни.

ЈанакиЗнае: Европската комисија ја претстави новата Директива за Заедничката земјоделска политика (CAP). Колку истата ќе има влијание врз моменталнтата земјоделска политика на Република Македонија со оглед на тоа што се стремиме кон целосно услогласување со европското законодавство и политики?

Љупчо Николовски: Целта на земјоделската политика на ЕУ е безбедна храна, стимулација на руралните економии и грижа за животната средина. Ова е единствен сектор кој е речиси целосно финансиран од Европската Унија во земјите членки, односно околу 40% од вкупниот буџет на ЕУ е наменет за Заедничката земјоделска политика. Европска Унија има предвидено 400 милијарди евра за поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2014-2020 година. Влезот во ЕУ – ќе значи и многу нови правила, a главната цел на заедничката земјоделска политика е да се обезбеди стабилно снабдување на пазарите со земјоделски производи по пристапни цени од една страна и соодветен приход за земјоделците од друга страна. Со влезот во ЕУ – се отвора и пазар од 500 милиони потрошувачи, како и голем број на европски фондови. Бенефитите за земјоделците од влезот во ЕУ се зголемување на користено земјоделско земјиште, зголемување на продуктивноста и приходите на земјоделските стопанства, зголемување на земјоделското производство, привлекување и зголемување на странските директни инвестиции. Крајна цел е да изградиме модерно и одржливо земјоделство, со што следуваат повеќе вработувања во руралните средини и економски раст во секој од земјоделските сектори. Со отстранување на трговските и царински бариери, земјоделците ќе добијат олеснет извоз и подобар пласман на македонските производи во странство. Од друга страна, со зголемување на извозот, ќе добијат повисока откупна цена на домашниот пазар. Земајќи предвид дека земјоделството (заедно со шумарството и рибарството) е третиот најголем економски сектор по секторот на услуги и индустријата во Република Македонија, неговиот развој значително придонесува за економскиот раст во целата држава.

Веќе е инициран Предлог за измена и дополнување на Законот за основање на Агенција, се со цел усогласување на Законот со Европската регулатива, за новиот програмски период ИПАРД 2014- 2020 година. Примарното и секундарното законодавство со кое се регулираат прашањата поврзани со безбедноста на храна и ветеринарната политика бележат високо ниво на усогласеност со законодавство и политиките на Европската унија во период од 2002-2018. Доказ за проценката на усогласеност се високите оцени во извештаите на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во оваа област. Најважните и клучни закони од областа на земјоделство и руралниот развој врз чија основа се темели развојот на земјоделството и руралните средини во Република Македонија, а кои истовремено придонесуваат кон целите на прилагодување на секторот кон законите, регулативите и стандардите на ЕУ, се веќе донесени и се угласуваат согласно промените на европското законодавство.

ЈанакиЗнае: Последните извештаи од спроведувањата на ИПАРД програмата покажуваат сè уште минимална искористеност. Која е причината за тоа?

Љупчо Николовски: Не би се согласил дека има минимална искористеност за ИАПРД 2 Програмата. Ќе го повторам податокот, дека само за еден повик од ИПАРД 2 се склучени 932 договори во вредност од 18 милиони евра, а додека во целиот програмски период за ИПАРД 1 2007-2013 односно во период од седум години се искористени само 16 милиони евра. Така што ние сме на добар пат ИПАРД 2 да биде целосно искористена како програма и да биде една успешна приказна. Почетокот на ИПАРД 2 покажува добра искористеност и очекувам дека интересот ќе расте со што ќе се отвори можност целосно да ги искористиме расположливите средства и да побараме дополнителни средства. Ова пред се сè должи на една либерална политика и нашиот став кон бизнис заедницата, која што веќе ги препозна бенефитите и поволните услови преку европски фондови да влезат во нови инвестиции се со цел да создадат поконкурентно земјоделско производство. Сега во тек се два јавни повика за мерката 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“ и мерката 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“. Рокот за мерката 3 истекува на 29-ти овој месец, а за мерката 1 на 9-ти февруари со можност овој рок за мерката 1 да се продолжи за уште 15 дена. Вкупната сума што е на располагање за домашниот агро-сектор преку овие два повика е во износ од 25 милиони евра. Односно вкупната финансиска поддршка за мерката 3 е 13,2 милиони евра, а за мерката 1 близу 12 милиони евра. Со мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка“ и им се овозможува на фирмите и на земјоделските задруги да инвестираат во отворање на преработувачки капацитети за различни земјоделски производи и инвестиции во опрема, при што 50 отсто од инвестицијата ќе им биде кофинансирана. Притоа, 75 отсто од средствата кои ќе бидат кофинансирани ќе бидат обезбедени од ИПАРД 2 Програмата, а 25 отсто од средствата ќе бидат кофинансирани од Буџетот на Република Македонија.

Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ опфаќа инвестиции во изградба или реконструкција на објекти за добиточна храна, складишта за храна, оранжерии, капацитети за ладење – калибирање и пакување на земјоделски производи, опрема за земјоделство, системи капка по капка и друго. Со оглед на тоа на што за овие два јавни повика имаме одредени новини во делот на апликацирањето, очекуваме рокот на обработка на барањата да биде многу брз од страна на Платежната агенција, заради тоа што ги зајакнавме капацитетите. За прв пат овој период започнавме 18 месечна кампања за ИПАРД Програмата, во рамки на која заеднички ќе посетиме 90 населени места, ќе има инфо денови, работилници и форуми. Следната работилница е на 22- овој месец во Кавадарци. На овој начин сакаме да ги доближиме упатствата, постапките и начинот на аплицирање до сите заинтересирани апликанти.

Ефикасното искористувањето на парите од ИПАРД Програмата е наш врвен приоритет, затоа што вложувањето на овие средства значи модернизирање и зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство. Затоа, со предлог Буџетот за 2019 година го зголемивме националното кофинансирање за ИПАРД од 60 милиони денари за 151 милиони денари.


Кратка биографија за соговорникот

Љупчо Николовски е министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата на Република Македонија.

Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при Универзитет  „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и има положен правосуден испит.

За време на своето професионално и политичко усовршување, Николовски се стекнал со Диплома за специјализација во политички менаџмент на Нов Бугарски Универзитет,  во рамките на програмата Бугарска школа за политика и Совет на Европа.

Николовски има сертификат за овластен застапник за заштита на правата од индустриска сопственост пред ДЗИС 2012.

Министерот Николовски е магистрант на Програмата за магистерски студии за административно право и јавна администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитет “Св. Кирил и Методиј”.

Во својата политичка кариера, во февруари 2014, е именуван за Дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во 2013 година е шеф на кабинет на Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Во периодот од 2009 до 2011, работи како адвокат.

Негова специјалност се и човечки ресурси и деловно право.

Во неговата кариера беше и секретар во Институт на директори во Македонија.  Од 2007 до 2008 е адвокатски приправник и правен советник во Адвокатска канцеларија “Марковска и Андревски”.

Љупчо Николовски  членува во неколку асоцијации како што се: Здружението на правници на РМ, Македонското здружение на млади правници и во Адвокатската комора на Македонија.

59

ТАГОВИ: Љупчо Николовски

Back To Top