skip to Main Content

Јанкулоска со аматерска одбрана пред судот

    6
Јанкулоска со аматерска одбрана пред судот

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска денеска сведочеше за предметот со кодно име „Таргет-Тврдина“, при што во свој исказ во Кривичниот суд тврдеше дека не знаела дека ќе се уништува опремата со која е извршена масовна злоупотреба со нелегално прислушување иако таа ја потпишала одлуката за формирање на комисија во УБК.

-Дознав кога СЈО го отвори случајот „Тврдина“, а од документацијата која ја потпишав не може да се утврди дека ќе се уништува опремата за следење на комуникации- рече Јанкулоска.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во неговото прво сведочење во тригодишниот судски процес каде е обвинет, тврдеше дека нема ниту еден доказ дека илјадниците снимени разговори се од Управата и дека таму се вршело прислушувањето. Мијалков истакна дека не формирал злосторничко здружение и дека дел од обвинетите ги запознал во судницата и дека кога некој би формирал група, веројатно нема да формира толкава група кои и нему не му се познати.

Во „Таргет-Тврдина“ обвинети се и Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на Мијалков, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Сашо Мијалков и Горан Грујовски, заедно со Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски се товарат и за уништување на системот за прислушкување на МВР и интермедијациските уреди на операторите во вредност од 1.418.879 евра, а Валентина Симоновска за фалсификување службен документ.

6

ТАГОВИ: Јанкулоска мијалков таргет-тврдина

Back To Top