skip to Main Content

Јавна расправа за Законот за висока раководна служба Манчевски

    3
Јавна расправа за Законот за висока раководна служба Манчевски

Министерството за информатичко општество и администрација организираше јавна расправа за предлог Законот за висока раководна служба.

На настанот се обратија министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, државниот секретар на МИОА, Јахи Јахија и извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска.

Како што подвлече министерот Манчевски, професионална, департизирана администрација, во служба на граѓаните е основна заложба на МИОА и Владата на Северна Македонија. Со новиот Закон за висока раководна служба се оди чекор понапред во реформата на јавната администрација, а тоа е едно од клучните барања на граѓаните, но и на Европската Унија.

-Целта на оваа реформа е поставување на јасни стандарди и критериуми, како и полна транспарентност при изборот и разрешувањето на раководителите на институциите во Северна Македонија. Во минатото токму високите раководни службеници беа механизнот за вршење на притисок врз вработените во администрацијата. Северна Македонија е прва земја од регионот којашто воведува јасни критериуми за избор на професионални раководни кадри. Целта е зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности и правична застапеност. Со овој концепт, ќе се постигне професионализација на високите раководни позиции- истакна министерот Манчевски.

Како што информираше државниот секретар, во Законот се предвидени повеќе тела во процесот на избор. Имено, се формира Комисија за висока раководна служба, како постојано колективно тело одговорно за спроведување на постапката за селекција на високите раководители. Таа комисија, ја бира Комисија за избор на членови како привремено колективно тело кое го формира Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието на Република Северна Македонија. Понатаму во процесот се формира и Одбор како привремено колективно тело кое го формира Комисијата за висока раководна служба, одговорно за спроведување на поединечна постапка за селекција на висок раководител.

Неда Малеска се осврна на важноста од носење на овој Закон, за конечно враќање на довербата на граѓаните во инсистуциите.

-Законот јасно упатува на одредени вредности кои треба да ги негуваме во наредниот период, а тоа е дистинкцијата помеѓу политичкото и професионалното ниво. Конечно имаме, едно централно место кадешто низ отворена и конкурентна постапка, се нуди можност на секој граѓанин да аплицира за ваквата позиција. Ова упатува на тоа дека Владата порачува дека и се потребни најдобрите и најквалитетните кадри и од администрацијата, но и од бизнис сектор, граѓанската заедница, од сите сегменти на општеството. Исто така, со овој Закон се дефинираат раководната одговорност и линиите на отченост. Пораката е дека треба да се професионализира службата и да работи во државен интерес и во интерес на сите граѓани- рече Малеска Сачмароска.

Таа ја потенцираше и важноста, од за прв пат воведување на оценување и на раководителите, пракса што досега не постоеше, односно се оценуваше само административните службеници.

Во рамки на јавната дискусија се отворија повеќе прашање, беа доставени конкретни забелешки и предлози за подобрување на текстот. Заклучокот на сите присутни беше дека со Законот за првпат во Северна Македонија се прави голем исчекор во професионализација и департизација на јавната администрација.

3

ТАГОВИ: јавна расправа Манчевски

Back To Top